ЗОШТО ВРСНИЧКО НАСИЛСТВО?
А. Демонстрација на сила и групна доминација
Во тинејџерските групи покажувањето дека можеш да понижиш некого без последици го унапредува твојот статус. Жртвата станува средство за демонстрација на сила и доминација. Жртвата не е избрана случајно. Таа често е оној кој се разликува, кој нема доволно поддршка од групата каде е присутна, или некој кој веќе е означен како „слаб“.
Б. Возбуда и задоволство од туѓо понижување
Насилството создава силни емоции: страв, напнатост, смеа, шок и адреналин. „Ова е смешно“, „Ова е лудо“. Луѓето природно се привлечени од емоционално набиени настани. Страдањето на другиот активира и чувство на сеир, т.е. љубопитност и забава, често и задоволство, од страдање на другиот. Смеата на присутните, коментарите и споделувањата создаваат атмосфера во која страдањето на жртвата станува форма на забава.
В. Припадност во група
Понижувањто и учеството во него станува ритуал на припадност во групата која е главна, кул, и од која другите треба да се плашат, но и да сакаат да бидат дел од неа затоа што таму можеш да правиш работи неказнето. Младите доживуваат деиндивидуализација, состојба во која поединецот го губи чувството за лична одговорност и страв од последици, затоа што е дел од група.
Г. Десензитизација
Во групата, луѓето често прават работи што никогаш не би ги направиле сами. Некој снима, друг се смее, трет навива, четврт го споделува видеото. Одговорноста се распрснува меѓу сите учесници. Кога тинејџерот е сам, тој може да чувствува емпатија. Кога е дел од толпа или група, одговорноста се распределува меѓу сите. Наместо да размислува: „Јас повредувам некого“, тој размислува:„Само се забавуваме.“
Д. Поставување на хиерархија во група
Самото понижување станува јавен ритуал преку кој насилниците испраќаат порака до останатите: ние сме тие што одлучуваат кој припаѓа во групата, а кој не, како треба да се однесува, кој решава што треба да се направи и сл.
ЗОШТО СНИМАЊЕ И СПОДЕЛУВАЊЕ?
На социјалните мрежи, страдањето на другиот се претвора во содржина за споделување. Многу млади повеќе не ги доживуваат настаните само како сведоци, туку и како можност да бидат соучесници. Снимањето им дава посилно чувство на учество. Тепачка, понижување, шега или насилство веднаш се гледаат низ прашањето: „Дали треба да го снимам ова?“
Најголемиот проблем не е само постоењето на насилството. Насилство секако имало и пред интернетот. Поголемиот проблем сега е што насилството станува медиумски спектакл. Камерата повеќе не служи за документирање на настанот. Таа станува дел од самиот настан. Без онлајн публика, многу од овие инциденти не би имале иста привлечност за сторителите.
А. Сите мора да го видат ова!
Кога ваквиот чин се снима и објавува, насилството добива нова функција. Тоа повеќе не е само напад врз некого туку јавна претстава на доминација наменета за многу поголема публика. Се засилува ефектот на групна доминација и демонстрација на сила. Поголема видливост, поголема моќ. Видеата од врсничко насилство често се поврзани со задоволството да се биде дел од моќната група додека се набљудува понижувањето на некој кој е исклучен од неа.
Б. Привлекување онлајн внимание
„Ако луѓето го гледаат ова, јас сум важен“
Од користењето на социјални мрежи, младите се научени дека она што привлекува внимание е важно и има поголема вредност. Колку е поголемо понижувањето, толку е поголема можноста видеото да привлече внимание. На социјалните мрежи шокантната содржина секогаш има предност. Алгоритмите не прават разлика помеѓу емпатија, љубопитност или задоволство. Тое ги регистрираат бројките и кликовите, и го наградуваат она што предизвикува силни реакции.
В. Вирализиран сеир
Чувството на забава и сеир е засилено. Она што порано го гледале неколку луѓе на улица, сега го гледаат илјадници или милиони корисници. Секое лајкнување, споделување или коментирање е дополнително учество во спектаклот. Жртвата не е понижена само пред своите врсници, туку пред масовна дигитална публика.
Г. Пролонгираност на возбудата, но и на траумата за жртвите
Со споделување на насилството онлајн, тоа не завршува кога ќе заврши физичкиот напад. Видеото продолжува да живее, повторно и повторно репродуцирајќи го понижувањето.
Виралните видеа од врсничко насилство не се само резултат на агресивни пориви на поединци. Тие се резултат на поширока култура во која демонстрацијата на моќ, уживањето во туѓото понижување, вирализираниот сеир и чувството на припадност во група се спојуваат во опасен феномен. Колку повеќе ваквите видеа стануваат популарни, толку повеќе се создава впечаток дека понижувањето на другиот е нормален дел од дигиталната култура.
Најдобар начин тие да се спречат е да се разберат опишаните мехнизми кои ги предизвикуваат и тие да се прекинат при обид да се манифестираат. На пример, ако ваквите инциденти имаат сериозни последици за сторителите и за нивните старатели, ако се разбие бесчуствителноста кон жртвите, ако видеата не се шират масовно, и.т.н., тие постапно ќе загубат дел од својата привлечност како за вршење насилство, така и за негово масовно ширење.
Др. Сеад Џигал