Skip to Content

КАКО ПРАВИЛНО ДА ЈА РАЗБЕРЕМЕ ЗАВИСНОСТА ОД СОЦИЈАЛНИТЕ МРЕЖИ КАЈ МЛАДИТЕ?

НИДА АСАН

Зошто истражување на оваа тема?

Неодамна беше завршено новото истражување за „Влијанието на зависноста од социјалните мрежи кај младите возрасни во Северна Македонија“. Оваа анализа нуди свежи согледувања за сѐ поголемите проблеми со менталното здравје и зависноста од социјалните мрежи кај младите.

Клучен фокус и методологија

Истражувањето ги анализира ефектите од прекумерното користење на социјалните мрежи врз младите во Северна Македонија. Во анализата беаше користена анкетни анкета со употреба на Скалата за зависност од социјалните мрежи (SNAS) развиена од М.Г. Шахнаваз и Усама Рехман. Анкетата беше спроведена онлајн во текот на декември 2024. Примарна целна група, која опфати околу 250 испитаници, беа младите од 18 до 25 години, како особено активна и ранлива група на психолошките ефекти од социјалните мрежи.

Најважни наоди

Студијата покажува дека значителен дел од младите покажуваат зависност од социјалните мрежи.

  • 65% од испитаниците потврдиле различни степени и индикатори на зависност според SNAS скалата, со просечен индекс на зависност од околу 25% или 109 поени во просек (во опсегот од 84–144 поени на оваа скала). Ова укажува на умерена зависност, а од нив 10–12% покажале висок степен на зависност (над 75% од скалата, или над 128 поени).
  • Речиси половина (49.1%) од испитаниците признале дека социјалните мрежи ги одвлекуваат од обврските додека работат или учат, а 49.9% редовно проверуваат вести и нотификации во тие моменти со што значително се намалува продуктивноста и фокусот кај нив.
  • Повеќе од половина (53.3%) користат социјални мрежи за справување со лошо расположение, а 43.2% изјавиле дека тие им помагаат да се релаксираат. Ова укажува на замена на вообичаени и поздрави емоционални активности со онлајн зависност.
  • 32% чувствуваат тага кога немаат пристап до социјални мрежи, а дополнителни 18% потврдиле други негативни ефекти. Исто така, 24.5% чувствуваат фрустрација, а 24% немир кога се отсутни на мрежите или немаат време за нивно користење.​
  • 34% признале дека пропуштиле време за спиење поради социјалните мрежи, а 33.9% имале проблеми да ја намалат употребата, покажувајќи знаци на зависност.
  • Студијата потврдува дека социјалните мрежи придонесуваат за чувства на несоодветност, анксиозност и ниска самодоверба поради постојаната изложеност на идеализирани модели и споредувања со нив.

Зависноста е вкоренета во алгоритмите кои поттикнуваат постојано користење. Континуираниот импакт на лајкови, коментари и нотификации го активира допаминот, создавајќи повратна врска која креира цврсти навики. „Стравот од пропуштање на важни работи“ (т.н. FOMO) дополнително ги тера корисниците да бидат постојано онлајн. Студијата покажува и дека социјалните мрежи може да предизвикаат осаменост, заменувајќи длабоки реални односи со површна онлајн интеракција. Ова се влошува со т.н. „колапс на контекстот“, каде корисникот не знае кој сè гледа или како ќе го разбере тоа што го споделува, што го отежнува справувањето со сопствениот онлајн идентитет.

Препораки за поздрав дигитален живот

Препознавајќи ја зависноста како сѐ поголема закана за менталното здравје на младите, студијата препорачува повеќестран пристап за превенција и помош:

  • Програми за дигитална писменост: Интегрирање образовни програми во училиштата за психолошките последици, типови на платформи и стратегии за самоконтрола.
  • Активности за дигитална детоксикација: Поттикнување на редовни паузи, слободни периоди без технологија и балансирање на онлајн и офлајн животот.
  • Групи за поддршка и професионална помош: Специјализирана терапија како Когнитивно-бихејвиорална терапија (CBT), техники за свесност (mindfulness) и групи за советување и споделување искуства.
  • Родителска и институционална поддршка: Родители и наставници да поставуваат ограничувања, да поттикнуваат отворена комуникација и да бидат пример и олеснувачи за младите.
  • Алтернативни активности: Поттикнување офлајн хобија како спорт, волонтерство и уметност, со цел намалување на времето пред дигиталните екрани и подобрување на општото здравје.
  • Поставување граници за користење: Корисниците треба да поставуваат дневни временски лимити и плански периоди без користење на дигиталните уреди, со помош на специјализирани апликации за следење на нивните онлајн активности.
  • Свесно користење: Поттикнување корисниците да размислат што сакаат да постигнат пред да се најават на социјална мрежа.

Оваа анализа потврди дека зависноста од социјалните мрежи не се развива само со прекумерно користење, туку и со некритичко прифаќање и развивање на навики преку влијание од другите врсници, но и од алгоритмите базирани на ВИ. Зависноста влијае на концентрацијата, емоционалната стабилност, квалитетот на сонот и самодовербата кај малдите. Решавањето на овој сложен проблем бара координирани групни активности од самите млади корисници, нивните семејства, образовниот систем, здравствените работници и институциите. Преку одговорно користење, олеснет пристап до психолошка поддршка и зајакнување на реалните социјални врски, можеме да изградиме поздрава дигитална иднина за младите генерации.

Автор: Нида Асан, дипломиран психолог и клинички терапевт.