Skip to Content

AI NOW на Саемот на книгата во Скопје

На 12 мај 2025 година, во рамки на Саемот на книгата во Скопје, AI NOW беше ко-организатор на панел-дискусијата „Кој е авторот во добата на вештачка интелигенција?“, која отвори значајна јавна дебата за правата на авторите, интелектуалната сопственост и улогата на човечката креативност во дигиталната ера.

Настанот се фокусираше на предизвиците што ги носи генеративната ВИ во уметноста, медиумите и издаваштвото. Како коорганизатори, AI NOW уште еднаш ја истакна својата заложба за отворање на важни теми поврзани со технологијата и општеството.

Нашиот претседател, Суад Сефери, говореше за етичките и правните дилеми кои произлегуваат од употребата на ВИ во креирање содржини. Тој посочи примери од светската пракса, вклучувајќи го и примерот со Amazon, каде што при објавување книга, авторите веќе имаат обврска да наведат дали и колку дел од делото е создадено со ВИ. Сефери нагласи дека транспарентноста и јасната етика се клучни доколку сакаме да изградиме одржлив дигитален екосистем во културниот сектор.

Голема чест ни беше што дел од панелот беше и проф. д-р Сеад Џигал, основач на AI NOW и реномиран комуниколог. Тој зборуваше за трансформацијата на авторскиот концепт во дигиталната култура, повикувајќи се на теоријата на Умберто Еко за „отвореното дело“ (Opera Aperta). Според Џигал, со ВИ се менува самата суштина на авторството – денешниот автор сè повеќе се претвора во „автор-диджеј“ кој комбинира, курира и преработува, додека читателот станува условно слободен интерпретатор, но под силно влијание на алгоритмите.

Други говорници на настанот беа:

  • Марина Тунева, експерт за медиумска етика
  • Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи
  • Александра Тодоровиќ, модераторка и дел од тимот на „ВИ Сега“

Настанот поттикна продуктивна дебата и отвори конкретни прашања поврзани со регулацијата, транспарентноста и одговорноста во создавањето содржини со помош на ВИ. AI NOW и понатаму останува активен глас во обликувањето на етички одговорна дигитална иднина.