Skip to Content

AI NOW присутен на настан посветен на ВИ во Нови Пазар

AINOW

AI NOW учествуваше на значаен настан организиран од Универзитетот во Нови Пазар, посветен на современите предизвици и перспективи на вештачката интелигенција (ВИ). Настанот се одржа во Округлата сала на Универзитетот и привлече бројни студенти, професори и академски соработници од различни научни области.

Во рамките на настанот беше промовирана книгата The AI Journey од Суад Сефери, претседател на AI NOW, експерт за сајбер-безбедност и истражувач на темата ВИ. Промоцијата опфати разговор за значењето на демократскиот пристап до ВИ технологии, за улогата на човечкиот фактор во дигиталното време, како и за важноста на критичкото размислување при користење на новите алатки.

По промоцијата, беа одржани две тематски работилници:

  • ВИ во финансиите: интелигенција што работи со тебе – работилница за студенти и кадар од економските и техничките факултети,
  • Кој создава кога создава ВИ? – сесија наменета за учесници од уметничките и филолошките насоки.

Учесниците имаа можност преку интерактивен пристап да дискутираат за влијанието на ВИ во секојдневниот живот, образованието, креативноста и етичките аспекти на оваа технологија. Размената на мислења и поставувањето критички прашања придонесоа кон поттикнување на поширока дебата за иднината на општеството во дигиталната ера.

Голема чест ни направи и ректорот на Универзитетот, проф. д-р Суад Бечировиќ, кој лично го поддржа настанот и ја нагласи важноста од интердисциплинарен пристап кон вештачката интелигенција во високото образование.

Исто така, изразуваме искрена благодарност до проф. д-р Џемил Бектовиќ од Центарот за активна меморизација и визуелизација, кој беше клучната алка и мост на соработка меѓу AI NOW и Универзитетот во Нови Пазар. Неговата поддршка беше од суштинско значење за реализацијата на овој настан.

AI NOW ја поздравува оваа иницијатива и останува посветен на својата мисија за промовирање етичка, достапна и инклузивна вештачка интелигенција во регионот.