Во претходните неколку денови Илон Маск, кој го предводи Одделот за владина ефикасност (DOGE), назначен од претседателот Доналд Трамп, испрати директива до вработените во федералните институции во САД да одговорат на пораката со пет свои достигнувања од претходната работна недела. Преку е-пошта од Канцеларијата за управување со персонал (OPM), беше побарано вработените во администрацијата да наведат пет важни работи кои ги сработиле во тој период. Доколку не одговорат на ова барање во пораката беше наведено ќе се соочат со откази.
Неколку државни агенции, вклучувајќи ги ФБИ, Стејт Департментот и Одделот за здравство и човечки услуги, им наложија на своите вработени да не ја почитуваат директивата, наведувајќи ја загриженоста за чувствителните информации и доведувајќи ја во прашање нејзината законитост. Американската федерација на владини службеници го критикуваше потегот како непочитување на правата на вработените и го оценија како нешто што е надвор од овластувањата на Илон Маск. Во услови на превирања и конфузија, некои агенции го советуваа персоналот дека можат да одговорат ако така одберат и ако е тоа на доброволна основа. Во вака создадената ситуација очигледен беше недостатокот на консензус во федералната влада и институциите, а како ова акција ќе се одвива понатаму останува да видиме.
Она што е особено интересно во оваа вест е како Илон Маск и неговиот оддел би ја провериле сета содржина и одговори во случај сите вработени во федералната администрација веднаш да одговориле на оваа порака? Одоговорот е, секако, со помош на вештачка интелигенција (ВИ). Јасно е дека во овој конкретен процес, и во редица слични, ВИ во голема мера се користи во делот на селекција и евалуација на работата на вработените, како и во справувањето и сортирањето на огромни количества податоци.
Вештачката интелигенција нашироко се користи за вработување на кандидати и за евалуација на вработените, за рационализација на процесите на регрутирање, за намалување на пристрасноста и за подобрување на ефикасноста во кадровското работење.
Вештачката интелигенција им помага на работодавците да проверуваат голем број апликации и да ги оценуваат соодветните кандидати. Најчесто користените техники за ова се:
-ВИ скрининг на биографиите: Системи за следење на апликанти (Applicant Tracking Systems, ATS) со помош на вештачка интелигенција коишто скенираат биографии преку клучни зборови за да идентификуваат вештини и неопходно искуство во изборот на кандидатите.
-Четботови и виртуелни регрутери: Чет-ботови со вештачка интелигенција комуницираат со апликантите, одговараат на прашања, спроведуваат првични проценки и закажуваат интервјуа.
-Предвидувачка анализа: ВИ ги анализира податоците за претходните вработувања за да предвиди кои кандидати најверојатно ќе успеат во некоја следна работа и ангажман.
-Намалување на пристрасноста - ВИ може да помогне да се минимизира човечката пристрасност со фокусирање на објективни квалификации наспроти некоја одлика која влијае врз оној кој одлучува за вработувањето (на пример пол, изглед, раса, етникум, итн). Мора да се додаде дека лошо дизајнираната вештачка интелигенција, исто така, може да ги зајакне предрасудите присутни во податоците за вработување.
Ова се само некои најчести практики на користењето на ВИ во процесот на аплицирање и евалуација за вработувања. Тие само ни посочуваат колку се важни нашите знаења и вештини за тоа како ВИ влијае врз нас и како тој процес во иднина ќе се развива.
Сеад Џигал,
февруари, 2025 година.